Крушево сезонава рекордна посетеностКрушево преполно со туристи. Исполнети се сите капацитети. Според проценките, во овој град има над 1.500 гости. Место нема ниту во кафеаните, сè е полно. Освен домашните има голем број и странски туристи.
„Супер е тука нема подобар и поубав град во Македонија од Крушево“, вели Зоран Симоновски, турист од Скопје.
„Местото е многу убаво бидејќи се е приридно нема многу вакви места во Австралија“, рече Венеса Варисевски, турист од Австралија.
Угостителите тријат раце.
„Двете соби ми се продадени до 20-ти јануари, а едната соба ми е продадена до 10 јануари“, кажа Раде Лега, издавач на соби.
„Сите апартмани ми се полни цел јануари“, вели Јорго Христоски, издавач на соби.
Од Туристичкото биро на Крушево задоволни од годинешната посетеност. Најавуваат дека од в година ќе има и категоризација на собите. Големиот број туристи оваа година во Крушево ги привлече снегот, но сепак најголемиот дел од нив признаваат дка се тука поради гробот на Тоше.
„За новогодишните празници, за разлика од лани, ни се случи да има многу повеќе побарувачка отколку што градот има капацитет“, истакна Спасијка Христоска од Туристичкото биро Крушево.
Поради обилните врнежи на снег градот е целосно блокиран. Возилата се затрупани. Иако „Македонија пат“ работи 24 часа, сепак движењето е сведено на минимум.
„Им препорачувам на возачите да возат полека, бидејќи не можеме набрзина да го отстраниме целиот снег од коловозот“, изјави Љупчо Стојаноски, од „Македонија пат“.
Сепак, и покрај убавините и изобилството на снег, скијачите незадоволни од ски-патеките. За жал, во Крушево ништо не е сменето со децении. Ски-лифтовите веќе одамна се застарени.
„Нема никаде поминато ратрак, ски-лифтот не работеше половина час“, потенцираше Мартин Димитриев, турист од Скопје.
„Не се исплати 450 денари да се дадат за карта за овој ски-лифт“, рече Тео Трајкосвки, турист од Скопје.
Дури и професионалните скијачи признаваат дека единствената ски-патека во Крушево е само за почетници.
„Условите си го прават своето, терените се тие, инвестиции нема“, изјави Христо Стојаноски, инструктор по скијање.
„Оваа стаза со која моментално располага Крушево е измислена за почетници, а додека пак за професионалци тука нема услови“, вели Аце Гиноски, инструктор по скијање.
За новиот ски-центар Мусица, кој се најавува исто така со децении, за жал никој не дава пари за да се стартува. Доколку и во иднина се продолжи со овој однос, Крушево можно е да ги загуби туристите.