Насмевка, песна, хармонија - единствениот и неповторлив Тоше Проески. Светлина, радост и доживување за најмладите, тинејџерите, постарите.
„Прекрасно беше да се работи со него, во неговата посебност и едноставност им веруваше на луѓето со кои работеше“, рече Антонија Шола.
„Полско цвеќе е композиција која ми е најдрага, најемотивна. Ја напишав така што ја снимав на диктафон после четири-пет часови сонување. Значи, околу 5-6 часот наутро се разбудив и почувствував дека пејам некоја мелодија која воопшто не постои и сфатив дека е некоја нова композиција, ама замаен од сонот го дофатив телефонот и ја снимив“, изјави во една прилика Тоше Проески.
„Божилак“ значеше враќање на старата македонска песна меѓу младите.
Тоше беше амбасадор на УНИЦЕФ за Балканот. Направи безброј хумани дела за кои никој никогаш не дозна.
„Жалосно е тоа што има многу причини да се биде хуманитарен секојдневно, ама јас сум таков секој ден и не ми причинува ништо ново. Големо задоволство ми е да бидам хуманитарен“, рече Тоше на 15 јануари 2005-та.
„Вакво нешто се раѓа еднаш во сто години, ќе беше светска ѕвезда во рангот на Роби Вилијамс, Џорџ Мајкл, Фреди Меркјури“, изјави Дејан Миличевиќ.
„Она старото што се рекло во однос на музиката: Низ Босна немој да играш, низ Србија немој да пееш, низ Македонија немој ни едното ни другото. Значи, имиџот на некој начин во однос на уметноста зрачи“, рече Тоше на 21 декември 2004-та.
Бројни награди, славен, македонска непроценлива вредност, но скромен, обичен, прекрасен.
„Нескромноста е една маана, а скромноста е голема величина“, изјави Тоше на 21 декември 2004-та.
Искрено, со верба во Бога, здравје и среќа за сите, пожелуваше секому, секогаш.
„Пред се, тоа што можам да им посакам, а е најбитно и суштинско, тоа е здравје. Дефинитивно тоа најмногу ни треба, без здравје џабе ни е се“, беше новогодишната честитка од Тоше на 1 јануари 2006-та.
Во неговото искрено и детско срце изворот на љубовта и мирот беа неговите најблиски и неговото Крушево.
Кај Бога засекогаш. Со целото свое битие беше посветен на верата, црквата, хуманоста.
„Овде ми е мирот и знам дека после се ќе завршам тука“, рече Тоше во црквата во Крушево.
Чекореше сигурно, надежно, енергично, едноставно, безгрешен. Живее во срцето на секој Македонец, живее во песните, на ТВ-екраните...